Магија

– Веруваш ли во магија? – му рече и седна покрај прозорецот.

– Магија? Секако дека не, па не сум повеќе мало дете. Магијата веќе одамна ја оставив во бајките за принцези, витези и забранети љубови. Таквите нешта не постојат. 

– Епа мил мој грешиш. – му рече таа со насмевка.

– Како мислиш грешам? 

– Ете така, грешиш. Знаеш ли ти дека магијата е насекаде околу нас?

– Ма дај не трескај, изгледа си се напила малку повеќе вечерва а?

– Не задевај ме. Јас сум многу сериозна.

– Ама зарем навистина мислиш дека ќе ти поверувам? Па дури ни малите деца повеќе не веруваат во магии и вештерки и добри вили. Тоа е смешно.

– Повторно грешиш. Човекот кој самиот не верува во магии не може тоа да го забележи кај останатите. Знаеш ли дека отсекогаш им се восхитував на малите деца бидејќи можат слободно да кажат дека веруваат без притоа да бидат осудувани.

– Епа ако си толку уверена дека постојат магии, тогаш ајде кажи ми што за тебе претставува магија?

– Ова е лесно. Види сега, магијата е околу нас секогаш, дури и кога мислиме дека не е. За мене магија претставува дождот, северниот ветер на жежок јулски ден, добрата книга во здодевното попладне, чашата утринско кафе со пријателките, слатката попладневна дремка кога си уморен. За мене магија е да се будам секој ден покрај тебе, да те гледам како спиеш, да го чувствувам твојот топол здив на мојата ледена кожа. Магија е кога ќе ме прегрнеш и ќе потонам во твојата прегратка како да сум на најбезбедното место на светот. Магија е кога се држиме за рака одејќи по брегот на морето. Магија е кога ќе се наведнеш да го почувствуваш мирисот на мојата коса. Магија е кога ќе ме бакнеш во чело и ќе ме оставиш да ти лежам на градите и да слушам како ти чука срцето во ритамот на мојот здив. Магија е кога ќе ми се јавиш  во 3 наутро само за да провериш дали сум добро. Магија е кога одиш со мене  во болница на преглед, затоа што знаеш колку се плашам од лекари. Магија е кога ќе се наведнеш за да го почувствуваш вкусот на моите усни, кога нашите усни ќе се спојат и ќе започнаат хармонично да се движат. За мене најголема магија си ти. – рече таа, а потоа се наведна и нежно го бакна.

– …

– Верувам дека остана без зборови. Кажи ми дали сега веруваш во магија?

– Се разбира. – рече тој, ја повлече во својата прегратка и го вдиша опојниот мирис на нејзината коса.

http://www.youtube.com/watch?v=TuiNtC4kURkImage

Желби

Сакам малку динамика. Се изморив веќе од секојдневието. Секој ден едно исто. Исти луѓе, исти познанства, исти муабети. Сакам динамика бе луѓе. Сакам малку адреналин. Сакам да имам широка насмевка од осмица до осмица барем пет минути, и ден што ќе го паметам пет години. Сакам убав адреналин. Оној што остава без здив.

Сакам да се возам на мотор со пуштена коса иако знам какви последици ќе има тоа за мојата долга, густа и нескротлива коса. Сакам при возењето да се дерам на цел глас. Да не ми е гајле што мислат другите. Да бидам слободна.

Сакам да најдам некој што ќе направи да го љубам безусловно. Да го љубам и покрај сите пречки. Да ми го сврти умот, да ме натера да мислам на него дури и кога спијам. Сакам да имам некоја динамична љубов. Нека е кратка, ама нека е слатка.

Сакам некој ден да излезам од дома по пижами, со мокра коса и да не ми е гајле што мислат другите.

Сакам да легнам на некоја зелена полјанка и да го гледам сонцето. Да правам снежни ангели иако нема снег.

Доста ми е од монотонија

Сакам да живеам.