Тајна отровна

И пак се задлабочи во мислите. По не знам кој пат гледаше низ прозорецот со тоа безизразно лице. Веќе почнаа да се загрижуваат за неа. Преку ноќ се изгуби сјајот од нејзините очи. Но никој не знаеше зошто. Дури ни најбиските пријатели.

Одеднаш се смени. Цигарите и алкохолот и станаа најдобар пријател. Ги палеше една по една, без престан, се додека не ја испушеше и последната од неделната залиха па мораше да купува нови.

А не сакаше да излегува. Порано беше главна на журките, а сега мразеше дури и да излезе до продавница. Никој не ја знаеше причината освен неа. А таа, колку и да сакаше да ја заборави не можеше. 

Тој беше причината. Тој беше причината за сите непроспани ноќи кои ги помина гледајќи во белиот таван. Тој беше причината за сите солзи што се слизнаа на нејзиното убаво лице. Тој беше отровот што се ширеше низ невиното срце, чија единствена вина беше тоа што безусловно го сакаше. Го сакаше до болка. Го сакаше секој дел од него. Ги сакаше неговите црни очи, поцрни и од смртта, подлабоки од најдлабокиот океан. Ја сакаше секоја брчка што се појавуваше на неговото грубо лице кога ќе се насмевнеше. 

Се` околу неа ја потсетуваше на него. Постојано го гледаше неговиот лик пред себе. И на сон и на јаве. Сакаше да побегне ама немаше каде. Тој беше нејзиното прибежиште кога сите бродови ќе потонеа. А сега остана сама на сред отворено море, полека тонејќи во заборав, гушејќи се од спомени.

Не сакаше никој да знае. Тој беше нејзината отровна тајна што и остави рана на срцето, што ќе ја носи засекогаш.

Рана што ќе ја потсетува на една изгубена љубов.

Leave a comment