Тајна отровна

И пак се задлабочи во мислите. По не знам кој пат гледаше низ прозорецот со тоа безизразно лице. Веќе почнаа да се загрижуваат за неа. Преку ноќ се изгуби сјајот од нејзините очи. Но никој не знаеше зошто. Дури ни најбиските пријатели.

Одеднаш се смени. Цигарите и алкохолот и станаа најдобар пријател. Ги палеше една по една, без престан, се додека не ја испушеше и последната од неделната залиха па мораше да купува нови.

А не сакаше да излегува. Порано беше главна на журките, а сега мразеше дури и да излезе до продавница. Никој не ја знаеше причината освен неа. А таа, колку и да сакаше да ја заборави не можеше. 

Тој беше причината. Тој беше причината за сите непроспани ноќи кои ги помина гледајќи во белиот таван. Тој беше причината за сите солзи што се слизнаа на нејзиното убаво лице. Тој беше отровот што се ширеше низ невиното срце, чија единствена вина беше тоа што безусловно го сакаше. Го сакаше до болка. Го сакаше секој дел од него. Ги сакаше неговите црни очи, поцрни и од смртта, подлабоки од најдлабокиот океан. Ја сакаше секоја брчка што се појавуваше на неговото грубо лице кога ќе се насмевнеше. 

Се` околу неа ја потсетуваше на него. Постојано го гледаше неговиот лик пред себе. И на сон и на јаве. Сакаше да побегне ама немаше каде. Тој беше нејзиното прибежиште кога сите бродови ќе потонеа. А сега остана сама на сред отворено море, полека тонејќи во заборав, гушејќи се од спомени.

Не сакаше никој да знае. Тој беше нејзината отровна тајна што и остави рана на срцето, што ќе ја носи засекогаш.

Рана што ќе ја потсетува на една изгубена љубов.

Магија

– Веруваш ли во магија? – му рече и седна покрај прозорецот.

– Магија? Секако дека не, па не сум повеќе мало дете. Магијата веќе одамна ја оставив во бајките за принцези, витези и забранети љубови. Таквите нешта не постојат. 

– Епа мил мој грешиш. – му рече таа со насмевка.

– Како мислиш грешам? 

– Ете така, грешиш. Знаеш ли ти дека магијата е насекаде околу нас?

– Ма дај не трескај, изгледа си се напила малку повеќе вечерва а?

– Не задевај ме. Јас сум многу сериозна.

– Ама зарем навистина мислиш дека ќе ти поверувам? Па дури ни малите деца повеќе не веруваат во магии и вештерки и добри вили. Тоа е смешно.

– Повторно грешиш. Човекот кој самиот не верува во магии не може тоа да го забележи кај останатите. Знаеш ли дека отсекогаш им се восхитував на малите деца бидејќи можат слободно да кажат дека веруваат без притоа да бидат осудувани.

– Епа ако си толку уверена дека постојат магии, тогаш ајде кажи ми што за тебе претставува магија?

– Ова е лесно. Види сега, магијата е околу нас секогаш, дури и кога мислиме дека не е. За мене магија претставува дождот, северниот ветер на жежок јулски ден, добрата книга во здодевното попладне, чашата утринско кафе со пријателките, слатката попладневна дремка кога си уморен. За мене магија е да се будам секој ден покрај тебе, да те гледам како спиеш, да го чувствувам твојот топол здив на мојата ледена кожа. Магија е кога ќе ме прегрнеш и ќе потонам во твојата прегратка како да сум на најбезбедното место на светот. Магија е кога се држиме за рака одејќи по брегот на морето. Магија е кога ќе се наведнеш да го почувствуваш мирисот на мојата коса. Магија е кога ќе ме бакнеш во чело и ќе ме оставиш да ти лежам на градите и да слушам како ти чука срцето во ритамот на мојот здив. Магија е кога ќе ми се јавиш  во 3 наутро само за да провериш дали сум добро. Магија е кога одиш со мене  во болница на преглед, затоа што знаеш колку се плашам од лекари. Магија е кога ќе се наведнеш за да го почувствуваш вкусот на моите усни, кога нашите усни ќе се спојат и ќе започнаат хармонично да се движат. За мене најголема магија си ти. – рече таа, а потоа се наведна и нежно го бакна.

– …

– Верувам дека остана без зборови. Кажи ми дали сега веруваш во магија?

– Се разбира. – рече тој, ја повлече во својата прегратка и го вдиша опојниот мирис на нејзината коса.

http://www.youtube.com/watch?v=TuiNtC4kURkImage

Желби

Сакам малку динамика. Се изморив веќе од секојдневието. Секој ден едно исто. Исти луѓе, исти познанства, исти муабети. Сакам динамика бе луѓе. Сакам малку адреналин. Сакам да имам широка насмевка од осмица до осмица барем пет минути, и ден што ќе го паметам пет години. Сакам убав адреналин. Оној што остава без здив.

Сакам да се возам на мотор со пуштена коса иако знам какви последици ќе има тоа за мојата долга, густа и нескротлива коса. Сакам при возењето да се дерам на цел глас. Да не ми е гајле што мислат другите. Да бидам слободна.

Сакам да најдам некој што ќе направи да го љубам безусловно. Да го љубам и покрај сите пречки. Да ми го сврти умот, да ме натера да мислам на него дури и кога спијам. Сакам да имам некоја динамична љубов. Нека е кратка, ама нека е слатка.

Сакам некој ден да излезам од дома по пижами, со мокра коса и да не ми е гајле што мислат другите.

Сакам да легнам на некоја зелена полјанка и да го гледам сонцето. Да правам снежни ангели иако нема снег.

Доста ми е од монотонија

Сакам да живеам.

Празно1

Понекогаш си седам и си се прашувам, добро вреди ли да се биде добар со сите? Не затоа што јас сум, туку токму спротивното, јас не сум. 

Се прашувам вреди ли на секоја провокација да возвратиш со насмевка и да испадне по поговорката “попаметниот попушта, магарето рика”?

Епа јас никогаш не попуштам. Се борам за своите идеали без разлика на цената. Сепак целта ги оправдува средствата нели? Барем се тешам дека е така. 

Би ги жртвувала дури и пријателите, бидејќи знам дека нема некој што би бил толку вистински пријател и би бил до тебе дури и против негова волја. Мислам дека нема некој што ќе ти ги слуша маките во 2 часот наутро без притоа да искоментира нешто како “Ех, имам јас среќа што мене не ми се случува тоа.” или нема да се сити бидејќи на него му е подобро. 

Едноставно се научив да се борам за себе. Научив дека мојот најдобар пријател сум самата јас, а воедно јас сум си и најлошиот непријател. Научив дека не треба да им веруваш на луѓето и да им ги кажуваш своите проблеми затоа што никој нема да те сфати. Тоа е едноставно така и така ќе биде. Се научив да гледам пред се за себе и тоа јасно го кажувам на сите. Прво јас, па после ти. Не дека тие што велат дека прво пријателот па дури тогаш самите тие, ќе го направат тоа. 

Тоа е животот. Еден непрекинат круг. Круг што се врти и не запира. Јас сум спремна за нови освојувања, по било која цена.

Едниствено нешто што го ставам пред самата себе е моето семејство. Единственото нешто вредно повеќе од мојот живот. Барем за мене. Би ги продала сите за семејството. Така е и така ќе остане.

И само да кажам дека никогаш нема да им се смешкам на лицемерите и никогаш нема да ги трпам лошите. Ако тие се лоши јас знам да бидам 3 пати полоша.

Исповед на љубовта

tumblr_lj7app5JQO1qi78dwo1_400

Имаше очи зелени како дрвата што расцутуваат во Март. Имаше коса што му пркосеше на секое правило за гравитацијата. Имаше усни слатки како мед. Имаше нозе долги како да е излезена од модна писта. Одеше како газела, полека, а сепак брзо. Беше смирена, а сепак дива. Секогаш наоѓаше некоја авантура. Ама не, не беше од оние лоши девојки, таа беше толку добра, толку мила, толку слатка, а сепак толку забавна. Се сеќавам на првиот ден кога ја видов. Ме освои со очите. Ме опи со нејзината убавина. Беше толку срамежлива. Нејзината рака лесно се слизна врз мојата. А кожата и беше толку мека, небаре свила. Од тогаш знаев дека морам да ја имам. Ама кога велам морам да ја имам, не е дека сакав да ја имам како девојка за една ноќ. Оние one night stand, знаеш нели? Еее да. Не ја сакав така, знаев дека ја сакам засекогаш. Дури ми стана и опсесија. Здрава опсесија. А, кога конечно стана моја, ја чував како очиве. Ма што зборувам, ја чував и подобро од нив. Ама таа опсесија не била здрава, дури сега сфаќам. Сакав да биде само моја, кога и да ја погледнеше некој започнував кавга со него, не сакав да ја делам со никој иако знаев дека тоа нема да се случи, дека таа не е таква девојка и дека ме сака само мене. Ама не ми беше доволно. Ја срамотев јавно и предизвикував болка, ја повредував.. Ја губев полека но сигурно. И кога конечно пукна ми кажа се. Ми кажа дека таа е девојка што сака да е слободна. Што сака покрај неа да биде некој што ќе остави ветерот да ги милува нејзините коси, да може да оди во непозната насока, кај што ќе ја однесе патот.. Многу ја сакав.. Иронија нели?.. Хах што може да ти направи животот. Јас кој до вчера не се поврзував со никој, што сите ми беа пролазни се заљубив. И тоа силно. А поради таа љубов и ја изгубив.

Ја сакав. А, знаеш што е најлошо? Тоа што сеуште проклето ја сакам.

Откинато парче душа

Image

Здраво… ова.. јас.. Јас само сакав да те прашам како си? Како оди? Долго не сме се виделе.. дури и предолго.. Како се твоите? Се надевам дека се добри и сеуште организираат неделни ручеци во градината. Се сеќаваш ли колку тие ручеци те правеа среќни. Некако успеваа да го надополнат изгубеното време од детството. Сеуште се сеќавам на сјајот во твоите очи кога ме покани за првапат. Беше толку среќен. А и јас бев среќна, заедно со тебе. Всушност, ти никогаш не сфати… не сфати дека твојата среќа беше и моја среќа.. дека твојата насмевка ми даваше волја за живот. Можеби не го покажував тоа толку добро… Знаеш мене никогаш не ме бивало за тие работи. А, се сеќаваш ли кога првпат се сретнавме? Се сеќаваш ли на првиот состанок. И двајцата бевме изгубени, засрамени. Тогаш мислев дека тоа беше најзасрамувачкиот момент во мојот живот, ама сега сфаќам… Сега сфаќам дека тоа всушност беше најсреќниот момент во мојот живот. Ти беше најсреќниот момент во мојот живот. Ама никогаш не сфати нели? Никогаш не сфати дека ми значиш, дека искрено те љубам. Си поигра со мене. Ме искористи и ме фрли на буниште, во смрдливата депонија на осаменоста. Ама кога ме отфрли, ти со тебе зема и едно парче од мојата душа. Парче што нема да се врати.. И на тоа место ќе остане празнина за навек да ме потсетува на тебе, сакала или нејќела. И боли.. многу боли..

Ја спушти слушалката пред да заплаче. Последното нешто што сакаше да го покаже беше слабост. Сакаше да помисли дека и поминало, дека станала посилно, дека тој е само еден лош сон. И се прашуваше дали можеби ја слушнал пораката или што ќе направи кога ќе ја слушне. Можеби ќе заѕвони, ама таа нема да се јави. Можеби ќе собере храброст да и остави порака, да и напише писмо, да каже дека се покајал или дека никогаш не му значела. А, можеби и само ќе ја избрише порака. Онака ладно и бесчувствително. Кој знае… Подобро да не мисли. Сега е најдобро да и се врати на тагата и црвеното вино. И повторно да ја погали празнината од откинатото парче душа.

summernote

 

 

Празно

Пред се здраво. Мило ми е. И тебе? Одлично. Да се претставам.

Јас сум фантазер, голем фантазер. Сигурно ќе ме препознаеш помеѓу многумина. Не затоа што имам поинаков стил, туку затоа што изгледам поинаку.

Изгледаш поинаку а немаш поинаков стил?!

Токму така, јас изгледам поинаку. Се познава преку очите. А очите.. Кафеаво-зелени, мојата гордост иако многумина не би се сложиле. Само оној кој вистински ме погледнал во очите ја забележал нивната специфична боја.

Како што кажав, јас не сум многу различна. Долги нозе, бујна бушава коса (добро не толку бушава) што многумина ми велат да ја носам врзана, ама нели јас им пркосам на тие правила.

Гравитацијата ја сметам за главен виновник за секој пад. Убаво е кога имаш со кој да ја поделиш вината нели? И јас го мислам истото.

Постов нема смисла? Знам, ова е моето претставување. Откривање на делче од мојот затаен идентитет. Делче од сложувалката што можеби некогаш ќе го дополнам. Толку засега.

А, да не заборавам. Отсекогаш сум била уметник, ама не уметник на линии, туку уметник на зборови. Она што некој може перфектно да го нацрта, јас можам перфектно да го преточам во зборови. 

И оваа мала колумна ќе биде мојот издувен вентил. Место каде што ќе можам да се изразам, да се покажам во најдобро светло, без воопшто и да се покажувам.

Нема смила нели?

Имај убава вечер,

засекогаш твоја, сечија и ничија,

summer note.